Матурата е многу значаен дел во образовниот процес во многу земји во светот. Државна матура е збир од повеќе екстерни и интерни испити со кои се проверуваат и се вреднуваат знаењата,вештините и способностите на учениците кои ги стекнале во четиригодишно средно образование.
Резултатите од постигањата на учениците претставуваат основа за определување на позитивните страни, но, во исто време, и на предизвиците во образовните системи во светот. Добиените сознанија од овие резултати креаторите на образовната политика во нашата земја може да ги користат како патоказ за планирање на стратегии и за преземање на активности во функција на подобрување на квалитетот на образованието.
Во периодот од 1999-2007 година се реализирани значајни и комплексни подготовки за воведување на Државната матура и завршните испити, како завршница на средното образование во Република Македонија. Подготовката за реализација подразбираше донесување на севкупната потребна законска легистатива, изработка на задолжителните стручни материјали и спроведување на определен број пробни и пилот испити. Целта на овие пилотирања беше да се добијат сознанија за квалитетот на мерните инструменти - тестовите, да се проверат процедурите за спроведување на државната матура и да се тестира информатичко-технолошкиот систем за поддршка на целокупниот процес на спроведување на испитите.
Концепцијата за матура и за завршен испит во средното образование во Република Македонија е усвоена со решение на министерот за образование и наука бр. 11-6099/2 од 10.10. 2005 година. Истата во два наврати претрпе измени и дополнувања. Според овој документ, испитот за државна матура се состои од три дела и тоа:
- задолжителен дел (македонски јазик и литература или албански јазик и литература или турски јазик и литература, во зависност од тоа на кој наставен јазик ученикот ја следи наставата);
- изборен дел;
- проектна задача.
Во првата фаза од имплементацијата на концепцијата за државна матура секој ученик полага:
- задолжителен предмет - мајчин јазик - екстерно
- изборен предмет - странски јазик или математика/филозофија/естетика - екстерно
- два предмети избира од листа утврдена со Концепцијата - интерно